Студениот артички бран проследен со минусни температури и силни ветришта го окова регионот на Балканот во снег и мраз, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и прекини во напојувањето со електрична енергија во одредени реони.
Аеродромот во Подгорица, кој беше затворен за сообраќај, од претпладнево е повторно отворен, но сепак откажани се голем број летови.
Црногорската метереолошка служба соопшти дека во делови на Црна Гора утрово се уште врне снег, но дека сепак се бележи тенденција на разведрување почнувајќи од северните реони.
Во Подгорица утрово во седум часот е измерена температура од минус два степени, а најстудено било на Жабљак, каде се измерени минус 17 степени Целзиусови.
Снег има во најголемиот дел на Црна Гора, со исклучок на реонот на Бока Которска. Во Подгорица, Никшиќ, Пљевља и Бар снежната покривка изнесува околу пет сантиметри, во Улциљ 12, во Цетиње 25, Колашин 30, а на Жабљак 113 сантиметри.
Хрватската хидрометереолошка служба соопшти дека на територијата на Хрватска температури над нулата се измерени само на две мерни станици, додека во некои градови живата во термометрите се спуштила и под минус десет степени Целзиусови. Според метереолозите ова досега е најстудена зима во Хрватска во овој век.
Повеќе делови на Далмација се отсечени од остатокот на светот и нивните жители се соочуваат со недостиг на храна, а регистрирани се појави и на напади на глутници волци во некои населени места.
Поради студеното време вчера е забележано и замрзнување на Јадранското Море. На подрачјето на Велебитскиот Канал е издаден црвен метеоаларм и на граѓаните им е препорачано да не ги напуштаат населените места.
Хрватските метеоролози предвидуваат дека следните денови температурите ќе паднат и до минус 20 степени, а дека поради студениот ветер ќе се чувствува како да е постудено. Посебно предупредување е издадено за в петок за кога се најавени и ледени дождови.
– Не чека нешто многу опасно, предупредуваат метереолозите.
Денеска во Хрватска температура во плус е измерена само на Превлака од 2,8 степени и во Палагружа од нешто над нулата. Метеоаларм од највисок степен е издаден за Ријека, Сплит, Загреб, Карловац, Госпиќ и Книн.
Во Босна и Херцеговина температурите во најголем дел исто така, се под нулата. Новите снежни врнежи и ниските температури во текот на ноќта предизвикаа дополнителни проблеми во одвивањето на сообраќајот на повеќе планински превои и регионални патни правци.
Целата територија на БиХ е прекриена со снег при што снежната покривка достигнува до десет сантиметри во градовите во северозападните делови и до 15 степени во централните реони на земјата.
Штабот на зимската служба на БиХ прогласи зимски услови на возење, поради што се воведени забрани за движење на тешки моторни возила на неколку патни правци.
Под снег е и целата територија на Србија, но засега во ниту една општина не е прогласен вонредна состојба. Според српскиот Сектор за вонредни состојби, состојбата во земјата е „редовна“, освен одделни случаи во реоните на Зајечар и Бољевац.
Во Србија утрово се измерени температури од минус 12 до минус шест степени, но метеоролозите предвидуваат нивно дополнително намалување во следните денови и тоа до минус 16 степени,
Студеното време и снежите врнежи парализираа и повеќе реони во континенталниот дел на Албанија, а снег е регистриран и во главниот град Тирана.
Грчките власти соопштија дека Коринтскиот Канал е затворен за сообраќај на бродови, поради одрон предизвикан од обилните снежни врнежи и студеното време.
Локалната телевизија Коринтос емитуваше снимки на кои се гледаат купишта карпи урнати во водите на 6,4 километри долгиот Канал.
Претставник на грчката крајбрежна стража соопшти дека ќе бидат потребни околу 15 дена за расчистување на одронот и за негово повторно пуштање во сообраќај.