Домашните банки генерално се безмилосни кога станува збор за наплата на кредитите од граѓаните. Повеќето од нив не ги толерираат доцнењата со плаќањето дури и кога оној што го зел кредитот добил отказ од работа и нема други приливи на пари во домашниот буџет, па се активираат жиранти, административни забрани и хипотеки.
За разлика од земјава, комерцијалните банки во Србија во вакви ситуации нудат можност за одложување на плаќањето на ратите и до една година. Kако што пишува весникот „Блиц“, доколку граѓанинот што зел кредит добие отказ од работа, банките најчесто му одобруваат грејс-период од една година кога тој ја плаќа само каматата, но не и главницата. Во некои случаи се продолжува рокот на отплата, со тоа што се намалува месечната рата, но на крајот се пресметува повисока камата поради продолжениот рок на враќање. Според весникот, одредени банки дури и дозволуваат целосно мирување на кредитот за одреден период кога граѓанинот не плаќа ниту главница ниту камата.
Сите банки во земјава што ги контактирал Дневник објаснуваат дека кога станува збор за кредити, секој проблематичен случај го разгледуваат поединечно – ниту една банка не дозволува целосно мирување на отплатата подолг период.
Во Kомерцијална банка велат дека губењето на работата не значи секогаш дека во семејството секнале сите приливи на пари. Kај дел од земените кредити има кокредитобаратели или жиранти, па во вакви ситуации се активираат административни забрани кај нив така што нема престанок на плаќањето на ратите.
Во Стопанска банка велат дека клиентот што има земено кредит, а ја изгубил работата, треба да се обрати директно во банката. Тогаш индивидуално се изработува предлог за репрограмирање.Доколку клиентот не исплати три месечни рати, односно доцни со плаќања над 90 дена, тој кредит влегува во групата нефункционални кредити и се пристапува кон наплата преку други законски канали како извршител и реализација на обезбедување.
И во Шпаркасе банка сметаат дека отказот од работа не мора секогаш да значи оти клиентот не може повеќе да го враќа кредитот.
Дневник