Џил Абрамсон, првата жена – главен уредник на најтиражниот американски дневен весник Њујорк тајмс, вчера беше неочекувано отпуштена од страна на издавачот Артур Шулцбергер.
– Уживав во мојата работа во Тајмс. Работев со некои од најдобрите новинари во светот, соопшти Абрамсон, која помина две и пол години на чело на весникот, а својата лојалност на компанијата ја покажа со тоа што дури и го истетовира логото на весникот на својот грб.
Веста за отпуштањето на Абрамсон предизвика бура од шпекулации во американските медиуми. Списанието Њујоркер веднаш објави дека причината за смената на Абрамсон е тоа што Абрамсон дознала дека нејзиниот претходник на оваа позиција, Бил Келер, имал далеку поголема плата и пензиски надомест.
Иако платата на главниот уредник на Њујорк тајмс се крие од јавноста, се проценува дека таа изнесува повеќе стотици илјади долари годишно. Абрамсон, според Њујоркер, дури ангажирала и адвокат кој контактирал со издавачите на весникот да им укаже на нееднаквоста во нејзиниот надомест.
Ова, според Њујоркер, била причината за ненадејниот отказ на Абрамсон.
Обвинението е особено непријатно за Њујорк тајмс, бидејќи весникот гласно ја поддржува кампањата на претседателот Барак Обама за изедначување на платите на мажите и жените во САД.
Нов главен уредник на весникот е Дин Бакет, кој пак е првиот Афро-американец на оваа позиција. Нетрпеливоста на Абрамсон и Бакет, кој наводно повеќе пати удирал по ѕидовите на канцеларијата и гневен ги напуштал состаноците со главната уредничка, беше наведена како уште една можна причина за смената на Абрамсон.