Авиокомпанијата „Малезија ерлајнс“ го пренасочила летот на редовната линија меѓу Лондон и Куала Лумпур наместо над Украина, што беше вообичаена рута, над Сирија, покажуваат податоците од Интернет страницата „Флајтрадар 24“.
По наводното соборување на малезискиот патнички авион во четвртокот, авио-компаниите почнаа да го избегнуваат воздушниот простор во источна Украина, каде се водат борби меѓу украинската војска и проруските сепаратисти.
Во петокот, авионот МХ4 на линија Куала Лумпур – Лондон, летал над источна Турција, наведува „Флајтрадар24“.
Промената на рутата сведочи за проблемите со кои авиокомпаниите се соочуваат при пронаоѓањето безбедни коридори на пренатрупаните рути меѓу Азија и Европа.
Американската федерална служба за авијација, чија регулатива е меѓу најстрогите во светот, во мај издаде силна препорака за американските оператори да не летаат од Сирија или преку нејзината територија.