Бавно оди истрагата за кочанскиот ориз со Генетски модифицирани организми. Министерството за земјоделство се уште не знае за какво семе станува збор. Државниот инспекторат за земјоделство е на терен и зема мостри од 30тината оризопроизводители, за кои Агенцијата за храна и ветеринарство доставило список дека можеби саделе ГМО ориз.
Инспекторатот го презеде овој случај, откако од АХВ ги доби резултатите за тоа каде е најдено семето.
Земјоделскиот институт од Скопје предупредува дека може да се нанесе штета на земјоделците поради штурите информации кои ги изнесуваат институтициите. Во списокот за можни производители на ГМО ориз има само 30тина, а во кочанско ориз произведуваат околу 3.500 земјоделци кои може да претрпат штети поради стравот од ГМО.
АХВ во изминатиот период објави два случаи на храна со ГМО, едниот е кочанскиот ориз, а другиот се соини производи на Виталија.
Од државниот инспекторат за земјоделство велат дека увозот на генетски модифицирано семе не е забранет, но мора да е со сертификат и да е декларирано.
Во Европската унија може да се продава храна со ГМО, но тоа да биде јасно истакнато на декларацијата. Слично било и во Македонија до 2015. година кога била донесена одлука целосно да се забрани продажбата на генетски модифицирана храна.