Уште две лица починаа од последиците на смрзнување во Босна и Херцеговина(БиХ), соопштија во среда локалните медиуми, истакнувајќи дека со тоа бројот на жртви од ледениот бран во таа земја е зголемен на шест.
Смрзнатото тело на 49 годишен маж е пронајдено кај Зворник во источна Босна, а уште еден маж кој почина заради премрзнатост е пронајден северно од Сараево.
Полицијата во обата случаја спроведе увид, а била извршена и обдукција со која само било потврдено дека луѓето починале од студ.
Во БиХ продолжуваат проблемите во сообраќајот заради замрзнатите патишта, а во Зеница населението повторно има проблеми со загревањето на домовите.
По дводневен дефект на главната постројка на централното греење во градот, во вторник попладне беше отклонет дефектот, но во среда системот повторно не работи бидејќи протече главниот котел за производство на топлотна енергија, па повеќето станови во Зеница, кој важи за еден од најстудените градови на Балканот, повторно се без греење.
Во Сараево заради ниските температури ноќта кон среда пукна една од главните водоводни цевки, па голем дел од градот е без вода.
Заради намалениот доток од природните извори, а кој е предизвикан од ниските температури, во ноќните часови во Сараево се воведени драстични редукции на вода.