Како последица од Ковид-19, на 52 – годишна возраст синоќа почина Мазлум Хасан, поранешен градоначалник на општина Центар Жупа и познат бизнисмен во нашата земја и во Италија.
Како што информираа од општината, Хасан починал во болнички услови во Скопје каде бил хоспитализиран повеќе од две недели, откако му било дијагностицирано дека е позитивен на опасниот вирус.
Мазлум Хасан родум е од селото Коџаџик, област Горна Жупа, оженет и татко на три возрасни деца. Како момче заминал во Венеција, Италија, каде му беше вториот дом. Важеше за еден од најбараните реставратори во Италија.
Беше голем филантроп, а го нарекува и некрунисан амбасадор на македонската култура во Италија, поради неговиот придонес за претставувањето на С.Македонија на Венецијанското биенале.
Градоначалник на Центар Жупа беше 2009 – 2013 година. Со негово залагање покрај другите проекти што беа реализирани, во 2012 година е изградена Спомен куќата на таткото на современа Турција, Мустафа Ќемал Ататурк, врз темелите на куќата на неговиот татко Али Риза.
Од него преку социјалните мрежи се простуваат голем број пријатели, колеги, соработници и граѓани.
-Го изгубивме нашиот поранешен градоначалник, сограѓанин и постар брат. Со голема тага го изразувам моето длабоко и искрено сочуство до неговата фамилија и сите роднини и пријатели. Нека почива во мир, напиша Аријан Ибраим, градоначалник на општина Центар Жупа.
Погребот според востановените протоколи ќе биде во неговото родно Коџаџик.