Наставниците од Србија тврдат дека според советите што ги слушаат на стручните семинари, излегува дека учениците се недопирливи, додека наставниците немаат никакви права.
На учениците кои препишуваат наставникот треба да им овозможи да продолжат, оти на тој начин ученикот покажува интерес и се труди за својата оценка, а доколку наставникот види двајца ученици како се тепаат, треба мирно да ги замоли да престанат, но не и физички да ги раздвојува. Освен тоа, дрогирани или пијани ученици како и оние кои не носат учебник не треба да се испраќаат дома. Ова се некои од советите кои наставниците од Србија ги слушаат на задолжителните стручни семинари, кои неретко самите ги плаќаат, затоа што локалната самоуправа, чија должност е тоа, нема пари, пишува српски “Курир”.
Еден од наставниците се жали на тоа дека наставниците не само што немаат никакви права, туку и предавачите на семинарите се луѓе кои не поминале ниту еден ден како предавачи во училница. Тој вели дека станува збор за педагози и психолози, па дури и правници и економисти со одредена обука.
“Така, тие семинари се сведуваат на прераскажување фрази кои тие претходно ги научиле на тие обуки и на препишување на застарени закони”, тврди наставникот од Врњачка Бања.
Од Сојузот на синдикати на просветните работници на Србија предупредуваат дека посетувањето на тие семинари е подбив и дека нив ги организираат поединци кои никогаш не биле во контакт со деца.