Богоевски: Се уште нема допис од Судот со барање за повлекување имунитет


Претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски денеска изјави дека до овој момент до Собранието на Република Македонија не е пристигнат никаков допис од Судот со барање за повлекување на имунитет на пратеници.

Според него, седницата на Комисијата би се одржала дури и без присуство на опозицијата бидејќи владејчкото мнозинство има доволно пратеници за кворум за работа.

– Веднаш штом ќе пристигне таков допис јас ќе ја закажам седницата на Комисијата, изјави Богоевски.

Засега, како што кажа пратеникот од Коалицијата предводена од СДСМ, во Собранието нема никакви активности во врска со тоа.

Богоевски кажа дека нема никаков коментар околу политичката димензија на случувањата.

– Тоа што можам да го кажам е дека врз основа на член 53 од Деловникот на Собранието ако и кога стигне допис од надлежен орган, што во овој случај е судот, ќе ја свикаме комисијата и ќе одлучуваме, рече Богоевски.

Според процедурата, како што појасни тој, барањето прво треба да се достави до претседателот на Собранието.

– Сигурен сум и дека имаме начин како и од далечина претседателот на Собранието да одлучи по некое барање, со електронски потпис, со ставање на своерачен потпис и така натаму. Во моментот кога претседателот на Собранието ќе утврди дека барањето ги исполнува условите од членовите 53 и 54 од Деловникот односно дека е поднесено од надлежен орган, во тој случај претседателот по службена должност го пренесува барањето до претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, кој што е должен во рок од два дена да заврши со седницата на која што ќе се донесе заклучок како ќе се постапи по барањето, рече Богоевски.

Во врска со фотографијата на Митко Чавков од судот што Богоевски претпладнево ја објави на социјалните мрежи и имињата на приведените, пратеникот рече дека не чуствува дека прекршил никакво законско или морално правило.

– Таа фотографија кај мене стигна по социјалните мрежи, а имињата беа претходно објавени од медиумите. Значи, јас како индивидуа и како пратеник немам објавено ништо што претходно не било достапно и не чуствувам дека сум прекршил некое законско или морално правило, рече Богоевски.

Меѓу другите членови на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања се и неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за кои се тврди дека се притворени. Во работата на Комисијата, доколку се одржи, ќе можат да учествуваат нивните заменици, но и без нив, како што кажа Богоевски, Комисијата ќе има кворум за работа.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1