Граѓанското здружение „Богојавление“ кое десеттина години наназад беше главен организатор на големата црковно-народна манифестација што по повод празникот „Богојавление – Водици“ во Охрид привлекуваше десетина илјади верници и туристи, со соопштение ја извести јавноста дека повеќе нема да избира кум на манифестацијата односно дека организацијата на настанот ја враќа на Македонската православна црква.
На денешен ден 4 декември – на самиот празник „Света Богородица – Пречиста“ традиционално беше избиран кумот на манифестацијата „Водици“. Овојпат тоа нема да се случи оттаму што од здружението веќе ја известиле Дебарско – кичевската епархија дека се повлекуваат од организацијата на настанот.
Таквата одлука од здружението доаѓа пред се, како што се наведува во соопштението, поради тоа што манифестацијата и организациски и финансиски ги надминувала можностите на здруженито, оттаму што истата од локален, прерасна најпрво во национален, а потоа и во меѓународен настан.
– Ваквиот став е донесен во консултација со членовите на Управниот одбор на здружението. Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и градот. Ние како здружение изразуваме подготвеност да помогнеме, но повеќе не сме во можност да ја организираме оваа манифестација“, стои во соопштението.
Инаку, целта на формирањето на здружението „Богојавление“ беше афирмација на Македонската православна црква, а пред се да се истакне почитта и љубовта што охриѓани ја имаат кон празникот Водици.
– Очекуваме традицијата која го афирмира празникот, христијанските вредности но и градот Охрид, да продолжи и натаму, да расте и да се збогатува, согласно православните и обичаите на нашата црква. Сметаме дека збогатувањето на празникот со манифестации како одбележувањето на Денот на рибарите, подготвувањето на рибна чорба, организацијата на уметничка програма, како и на хуманитарните активности за поддршка на социјално загрозени семејства и ранливите категории граѓани од страна на здружението и на кумовите на Водици, придонесе за афирмација на позитивните вредности на градот“, велат од „Богојавление“.
Заблагодарувајќи се на сите субјекти кои го помогнале организирањето на манифестацијата, од „Богојавление“ истакнуваат дека со препуштањето на организацијата на манифестациите за празникот Водици на МПЦ, здружението нема да ги запре своите активности, туку активно ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи насочени кон афирмација на Охрид и неговите културни вредности и традиции.