Функционери на власта, нивни сопартијци, бизнисмени – овој профил на луѓе се соочуваат со кривични пријави од Бојан Јовановски кој трет ден ги поднесува во скопското обвинителство. Според соопштението за јавност кое го напишал рачно на осум страници а го презентираше неговиот адвокат, станува збор за 40-тина лица кои според Јовановски ја злоупотребиле службената положба со местење тендери, учествувале во измами, изнуди и шпиунажа, па се до обид за убиство.
„Пријавите имаат поврзаност со случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, а јас сум бил директен сведок дека сторители на кривичните дела се носители на јавни функции аедно во со извршителство со членови на нивните семејства и нивни блиски соработници сопартијци“, пишува Јовановски.
Во писмото додава дека во интерес на постапката нема да откре против кого се кривичните иако веќе добивал закани поради пријавите.
„Се обидуваат да ме спречат со вршење на притисок врз мене и моето семејство. Единствено ќе ме спречат доколку посегнат по мојот живот“, наведува Јовановски.
Неговиот адвокат очекува обвинителството веднаш да ги истражува кривичните на Јовановски.
„Значи во моментот кога ќе завршиме со поднесувањетго на кривичните пријави сметаме дека ЈО ќе почне да работи сериозно на предистрага во врска со проверката на нашите наводи и податоци и оценката и релевантноста на сите понудени докази“, изјави Сашко Дуковски.
Дуковски вели дека поради обемниот доказен материјал поднесувањето кривични ќе продолжи и во следните денови.