Болните од Косово одат пеш до скопските клиники


Многумина поучени од претходните денови се воздржуваат да ја преминат македонско-косовската граница, а само по некој, кој на екипата на Вечер им изјави дека зорт го натерало да го минува преминот и најчесто станува збор за превоз на болни лица од Косово, кои на раце или во колички ги префрлаат на македонска територија. Бевме сведоци на една случка кога девојче во тешка здравствена состојба нејзиниот татко и дедо во детско столче и на раце го пренесуваа преку граница за пат до скопските клиники, пишува Вечер

bolni kosovoВработени на македонската царина ни изјавија дека во текот на вчерашното попладне околу 30-ина болни лица од Косово морале на 30 Целзиусови степени околу еден километар да испешачат или да бидат пренесени од нивните најблиски до местото каде што се паркирани голем број диви таксисти кои ќаруваат од настанатата ситуација. Многумина од нив оделе на дијализа во Скопје или по редовна медицинска терапија.

На стотина метри пред преминот Блаце стои паркирано амбулантно возило на Брза помош од каде за Вечер изјавија дека се тука за да им се најдат на патниците кои ја поминуваат границата.

– Има болни што поминуваат, но нив не ги прифаќаме. Тие со такси се носат до болница во Скопје. Тука сме да му се најдеме на некој ако му се слоши бидејќи има луѓе кои пеш мораат да поминат повеќе од еден километар – ни рекоа од Брза помош.

Инаку, сообраќајот за сите видови возила е во прекин во двата правци. Две приколки од транспортната организација МАКАМТРАНС од завчера го блокираа преминот на десетина метри пред граничната рампа во знак на протест за косовската трговска блокада. Биљана Муратовска од МАКАМТРАНС вели дека со блокадата сакаат да порачаат дека спуштањето на рампата од Косово е нестандардна и ригорозна мерка, што најмногу ќе ги погоди превозниците. Таа бара што поскоро двете страни да седнат и да го решат проблемот бидејќи трпат и граѓаните и бизнисот.
Владини претставници на Македонија и на Косово во Приштина завчера се обидоа да изнајдат компромис, но разговорите безуспешно завршија со што продолжи ембаргото за македонски производи во косовската држава, како и плаќањето такса за косовските граѓани и возила при влез во Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1