Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска ја објави 13-тата „бомба“ презентираше нова серија телефонски разговори во кои, наводно, разговараат премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Се разговара за имот на Водно, и за уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски.
Според Заев, тоа се разговори во кои Груевски го демантира Груевски. Опозицискиот лидер тврди дека Никола Груевски поседува имот на Водно вреден 17 милиони евра. Имотот не само што не е пријавен во анкетниот лист на премиерот, туку тој во реакција на минатонеделната прес-конференција на Заев, тврдеше дека не поседува градежни парцели и имот.
„Во нив Груевски договара каде и колкава ќе биде парцелата на Водно за која што бара да се прошири, се интересира за највисоката точка, никој да нема над него, тргува со плацеви“, рече Заев.