Ракометарите на Металург за првпат во својата историја успеаја да обезбедат место во четвртфиналната фаза од елитното клупско европско натпреварување Лигата на шампионите.
Во преполниот СЦ „Борис Трајковски“ македонскиот шампион ја сочува предноста од три голови против Динамо од првиот дуел во Минск, а по вечерашната победата од 24:22 со вкупни 50:45 се најде помеѓу осумте европски ракометни великани.
Почетните седум минути се играа гол за гол на двете страни, Металург првото водство го имаше во 7.минута со 4:3, а потоа Белорусите со серија од 3:0 поведоа со 6:4. Нашиот шампион не му дозволи на Динамо да се одлепи, но сепак на полувреме гостите отидоа со гол предност 12:11.
Како и што најави тренерот Лино Червар, цврст ракомет без многу убавина и течни акции се играше и во вториот дел. „Металурзите“ одиграа поефикасно и во 40.минута направија три позитива, разлика недостижна за гостинските играчи и доволна за втора победа во осминафиналната пресметка.
Најефикасен во победничката екипа на вечерашниот реванш беше Давор Вугринец со седум реализации, а на голот одличен беше Дарко Станиќ со 15 одбрани.
Покрај Металург во ТОП 8 се пласираа и екипите Хамбург (победа против Цеље со вкупни 66:60), Веспрем (против Адемар Леон 56:45) и Фленсбург (Горење 55:50).
Двојки на другите осминафинални натпревари кои ќе се одиграат утре се: Барселона Силкеборг (32:26), Киелце – ПИК Сегед (25:26), Кил – Чеховски Медведи (35:37) и Берлин – Атлетико Мадрид (29:29)
Mia