Градоначалникот на Солун, Јаснис Бутарис изјави дека Грците се слабо информирани и не разбираат дека Скопје нема да им го украде идентитетот ако името на земјата го содржи зборот Македонија. Тој категорично се огради од протестот во градот, против правото на Република Македонија да го користи терминот „Македонија“ во своето име. Митингот беше организиран од неколку националистички формации, вклучувајќи ја и неонацистичката Златна Зора, а протестираа неколку десетици илјади Грци.
– Многу сум разочаран што по 25 години спор за името ние сме во истата позиција. Психологијата и размислувањето на голем број грчки граѓани не е променето. Проблемот е во тоа што луѓето сметаат дека Скопје ќе ни го одзеде идентитетот, никој нема да го направи тоа. Тие не се закана за нас. Луѓето се слабо информирани и си замислуваат разни нешта што не се реални. Веруваат дека ќе ни биде украдена историјата – рече Бутарис за бугарската БТВ.