Честитка од Иванов: Гласавме за единствена заедничка Македонија


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„Од сите човекови желби и стремежи, нема посилни и потрајни од стремежите за слобода и правда. По многувековни борби, незапирливиот македонски стремеж за слобода го остваривме на 8 септември 1991 година. Ние, македонските граѓани се изјаснивме за суверена и независна, граѓанска и демократска Република Македонија. На 8 септември ние не гласавме за различни партии, туку за една и единствена заедничка Република Македонија. Гласавме за држава во која слободно ќе ги оствариме темелните македонски вредности и врвните европски и цивилизациски принципи – владеењето на правото, заштитата на човековите права и слободи, соживотот и почитувањето на различноста. Гласавме за држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Прогласувајќи независност, изменивме многу планови. Со тоа се изложивме на неизвесноста да бидеме исклучок од многу правила. Слободата ја постигнавме, но правдата ни беше ускратувана. Патот до меѓународното признавање и интеграција беше, и се уште е исполнет со двојни стандарди, негирања и блокади. Како држава и општество бевме обесправени. Моравме да се бориме за правата што сами по себе ни следуваат – правото на самоидентификација, човечко достоинство и просперитет.

Но, и покрај се, не отстапивме од темелните вредности и принципи. Продолживме да ја градиме Република Македонија како татковина на сите нејзини граѓани, во која македонскиот народ, заедно со сите други заедници се дел од македонската граѓанска нација. Не отстапуваме ниту од стремежот за правда, бидејќи сме свесни дека вистинската слобода подразбира и остварување на правдата. А правдата ќе биде остварена кога ќе станеме рамноправни членови на НАТО и на Европската Унија.

Сплотени и единствени мора да продолжиме и понатаму ревносно да работиме на изградба на просперитетна, богата и силна Република Македонија. Да градиме држава во која важните решенија ќе се носат внимателно и мудро, не само до наредните избори, туку и за наредните генерации. Само со љубов кон нашата заедничка татковина, ние ќе покажеме благодарност кон нашите предци и одговорност кон нашите потомци.

Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија!“, се наведува во честитката од Иванов.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1