Честитка од претседателот на Собранието по повод 11 Октомври


Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во свое лично име и од име на пратениците упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, симболот на борбата за слобода.

– Ова е значаен ден во историјата на Република Македонија, симбол на решителноста и свесноста на народот кој што храбро и самоуверено застана во одбрана на слободата а против најголемото зло во човечката историја, застана во одбрана на доброто наспроти злото, во одбрана на достоинството наспроти потклекнувањето. На овој ден, меѓутоа и секој друг ден, оддаваме почит на нивната пожртвуваност и борбеност, нивната истрајност и визија, пишува Џафери во честитката.

Денес, како што истакнува претседателот на Собранието, живееме во слободна, независна, демократска, почитувана земја која смело гради добрососедски односи, е сериозен стратешки партнер за градење мир и го изодува својот пат кон исполнување на одамна утврдените стратешки определби, полноправното членство во ЕУ и НАТО.

– Чекорејќи по тој пат, наидуваме на предизвици кои се трудиме да ги надминеме со меѓусебно разбирање, почитување и негување на различностите помеѓу сите граѓани, со цел оваа наша земја да биде заеднички дом на сите граѓани кои својата иднина и иднината на идните поколенија ја гледаат во демократска, силна, модерна и европска Република Македонија, пишува Џафери во честитката по повод 11 Октомври.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1