Некогаш ќе го направам тоа што отсекогаш сум го посакувала. Некогаш ќе бидам среќна. Некогаш ќе го живеам животот кој го посакувам. Некогаш ќе научам многу нови работи. Некогаш, некогаш, некогаш… И времето минува, не не’ чека и тоа некогаш никако да дојде. И почнуваме да ја губиме надежта, желбата за живот исчезнува. Престануваме да размислуваме дури и за тоа некогаш.
Се вовлекуваме во “удобната” постелнина каде надворешниот свет неможе да не допре, да не повреди. И се сместуваме така удобно, што почнуваме да мислиме дека се’ е во ред. Слатко се насмевнуваме и со цела сила го вдишуваме чистиот воздух на нашата соба. Перницата и прекривачот стануваат нашите најдобри пријатели. Се заљубуваме во нивната мирис од нашиот омилен омекнувач.
Се восхитуваме на начинот на кој остануваат така како што ќе ги наместиме. И се’ повеќе почнува да ни се допаѓа начинот на кој се’ е така “совршено”. И деновите минуваат. Страствената мирис на нашата постелнина се заменува со чад, кој ни го замаглува видот за реалноста. Свежиот воздух се претворил во прав, кој го загушува нашиот ум. Тоа што го нарекувавме удобност, сега стана ужас.
И до кога треба слепо да чекориме за да сватиме дека секое едно нешто ја губи својата првобитна убавина, доколку не го негуваме? Се искривува формата и го губи сјајот, доколку ја изгубиме свесноста дека треба да дејствуваме. На истиот начин функционира и нашиот живот. Едноставно сватете нема нешто за ништо. Нема добивање без вложување. И заборавете на тоа НЕКОГАШ. НЕКОГАШ Е ДОЛГ ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОД. ЖИВОТОТ Е СЕГА.
VoStip.mk