Специјалното јавно обвинителство објави четири нови истражни случаи под кодни имиња „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“. Станува збор за случаи за кои постои основано сомневање за сторен финански криминал со кои Буџетот на Република Македонија е оштетен за сметка на правни и физички лица. Истрагите ги соопшти обвинителката Фатиме Фетаи.
Истрагата со кодно име „Табла“ се однесува на директор на централно основно училиште од Зајас, Кичевско, кој како службено лице овозможил противправна корист за правно лица „Баупроф дооел Кичево“, со кое противзаконски склучил договор за градење училиште во Горно Строгомиште, Кичевско, оштетувајќи го буџетот за 200.000 евра.
Во истрагата со кодно име „Триста“ осомничен е помошник министер во Министерството за внатрешни работи. Случајот се однесува на јавна набавка на 300 возила, во периодот од 2008 до 2012 година.
Истрагата „Тотал“ се однесува на затајување данок на правните лица маркетинг агенција „Тотал“, „Тотал маркетинг“, „Медиа макс“ и „Тотал медиа центар“ од Скопје.
Истрагата „Тифани“ се однесува, исто така, на затајување данок. Осомничено е физичко лице сопственик, управител и потписник на „Смарт груп“ и „Смарт центар дооел експорт-импорт Скопје“.