Бизнисменот Ванчо Чифлиганец, кого Орце Камчев во еден од аудио снимките што ги објави италијанскиот весник Ла Верита во врска со случајот „Рекет“ го споменува дека барал дуќан за обвинителката Лиле Стефанова, демантира дека воопшто постоел таков разговор со Камчев.
-Би сакал одговорно да и соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено, бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Беспредметно е, дури и попатно споменување на моето име, вели Чифлиганец во демантот.
На објавените снимки се слуша како соговорниците се договараат, при што во еден разговор Камчев како што тврди весникот, го прашува Бојан Јовановски:
„Втора работа, не знам дали жената е со нас во играва, таа Лиле“, при што весникот тврди дека се работи за обвинителката Лиле Стефанова, која во тоа време го води предметот Империја.
Понатаму Камчев објаснува: „Еднаш, Чифлиганец кога ми се јави, ми бараше дуќан за нејзе за стоматолошки ординации, за глупости и тие работи… Јас од….в сите тие работи, зашто не ме интересираше…“