Чинарот ќе биде прогласен за споменик на природата


Предлог-одлуката за прогласување на стариот чинар (платанус ориенталис) за споменик на природата и усвојување на елаборатот за негова валоризација, санација и ревитализација, беше прифатена без расправа од Советот на Општина Охрид на завчерашната седница, објави охридњуз.мк.

Согласно елаборатот кој го изготви Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ од Скопје, во рамките на проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид, стариот чинар во центарот на Охрид ќе биде ревитализиран и соодветно заштитен.

Како што информираа од „Деконс Ема“, ќе се изврши валоризација на степенот на загрозеност на стеблото, ќе се подготви програма за негова заштита, која ќе има за цел да се испита она што е направено претходно како заштита, ќе се изврши подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно и долгорочно ниво, како и стабилизација на крошната. Во елаборатот за валоризација содржана е и програмата за одржување на чинарот и долгорочна заштита, за што од општинскиот буџет треба да бидат обезбедени околу 15.000 евра годишно.

Се предвидува заштита и на шест други чинари

Процедурата на прогласување на чинарот за споменик на природата почнува со одлуката на Советот, која треба да биде проследена до Министерството за животна средина, каде што со акт ќе се изврши прогласувањето на споменик на природата.

Во иднина слична постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, како и на познатиот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта.
Покрај стариот чинар во чаршијата, со проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општината, се предвидува ревитализација на уште шест други чинари.
Чинарот, како и некои други дрвја во Охрид, се прогласени за природно наследство, според закон од 1973 година и треба да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата.
Дрвото е во крајно лоша состојба откако во декември 2002 година снегот му зададе уште еден удар. Невремето ја откина најкрупната гранка, со дел од стеблото. Потоа е извршена заштита на чинарот, но на начин поради кој охриѓани дрвото што е сродено со нивната душа сега го нарекуваат „робокап“. Неофицијално, при заштитата било предвидено чинарот да биде обложен со вештачка кора, но работата не била докрај завршена поради беспарица.

Стар 11 века

Чинарот во центарот на Охрид е стар 11 века, а според преданијата, го засадил свети Климент Охридски. Култното место во Охрид е едно од немите сведоци на историјата на градот. Во минатото бил главна раскрсница која водела кон Струга. Тука имало позната кафеана, а околу длабоката сенка биле поставени маси и столици каде што се собирале од најбогати до најсиромашни.
Своевиден симбол на градот, покрај кој „почнувал и завршувал“ животот. Сведок е на многу љубовни приказни, место каде што некогаш се изнајмувала работна сила, но и за извршување егзекуции. Вечна инспирација за сите охриѓани, особено за уметниците, главно сврталиште на охриѓани од сите национални заедници.

Слободен печат

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1