Во рок историјата на поранешна Југославија останале запишани анегдотите кои ги следеле хитовите на „Рибља чорба“, Горан Бреговиќ и „Бијело Дугме“, „Идоли“, Ѓорѓе Балашевиќ… Тешко е сите да се набројат.
Марина Преазиќ песната „Воли ме још ову ноќ“, му ја посветилa на Момчило Бајагиќ Бајага.
Позади песната „Јелена“ на групата „Болеро“ стои сосема друга приказна, од онаа за којашто публиката мислела дека е. Вистината е сосема различна. Всушност песната била посветена на мајката на Мишо Бартулица, која го оставила по неговото раѓање. Според приказните на фановите, кога подоцна тој се обидел да ја пронајде, таа не сакала да го види, како што пее во последните две строфи од песната. После ова сознание, и повторно слушање на „Јелена“ и денешните генерации кога ја слушаат песната, очите им се полнат со солзи.
Чорба најдобрите стихови ги правел токму кога бил несреќно заљубен, па стиховите од песната „Неке су жене пратиле војнике“, била за неговата поранешна девојка Маја Оџаклиевска, после една нејзина посета, додека тој бил во сиво-маслинеста униформа.
Билјана Невајда Шевиќ била една од најубавите белградски манекенки во седумдесеттите години, а Бора Ѓорѓевиќ ѝ ја посветил песната „Остани ѓубре до краја“, „Два динара друже“ и „Последна песма о теби“.
„Беше вечер. Заѕвони телефонот, и се јави Бора. Ме молеше да се сретнеме во кафаната „Под липом“, за да ми ја прочита песната која ми ја напиша. Баш како во песната: „Док стоим за шанком, делимично пијан, мрзечи помало и себе и друге, убијам лагано коњак, цигарете…“. Седнавме на маста и тој ми ја прочита прочуената: „Нисам од они који цвиле, више те немам и шта ту моги, бар се насмеши, када ме видиш, остани ѓубре до краја!“ Воопшто не допре до мене, затоа што во тој период бев страшно заљубена во друг човек“, раскажува Билјана.
Неполни 2 месеци после таа вечер неа љубовта ја одвела во Сараево, кадешто започнала сосема друг живот.
„Заборавив и на Чорба и на се’ она што ми се случуваше дотогаш во животот“, вели таа, и повторно се враќа на тешката вечер со Бора: „Бора отиде во тоалетот. Бидејќи во џебот немаше ни еден динар, на излегување го опоменала работничката: „Хеј, два динара друже!“. Тоа беше сосема доволно за тој веднаш зборовите да ги преточи во стихови“, завршува Билјана.
„Скоро позади секоја песна на Ѓорѓе Балашевиќ стои голема приказна, а еден од најголемите хитови, „О како тужних љубави има, овај свет је испуњен нима, све више сумњам да неко среќно воли још“, ѝ ги посветил на младешката љубов Милена Лукиќ, професорка по биологија. За да не прави расправии со неговата сопруга, во нејзино име ја напишал нежната балада „Оливера“.
Песната „Маѓарица“, која ја прославил Здравко Чолиќ, Балашевиќ ја напишал под името „Опатица“ и му дал на Горан Бреговиќ за неа да направи музика. Но, Бреговиќ сметал дека насловот на песната „Маѓарица“ ќе биде попримамлив за публиката. Бидејќи Балашевиќ е познат како човек што не поднесува кога некој му менува стихови, му се налутил на Бреговиќ и му порачал повеќе никогаш да не бара текст од него и да го заборави. Бреговиќ преку медиумите неколку пати јавно му се извинувал, па дури и му порачал дека толку го обожава што ќе земе еден негов стих од песната и ќе го преработи на свој начин.
На прашањето на новинарите кој стих, Бреговиќ одговорил: „Када нисам со оном коју волем“, зборови кои можат да се најдат во рефренот на песната „Ѓурѓевдан“.
„Она то зна, она зна да је лудо, лудо волим ја“, напишал Владо Дивлјан во моментот кога бил премногу заљубен.
„Кога правев песни бев заљубен, но после некое поминато време, „се оладував“. Кога дојде снимањето бев прилично празен и имав големи проблеми да испеам со чувства. Дел од песната „и кад је видим ја се питам“, беше направен под влијание на песната „I want to hold your hands“, на „The Beatles“, објаснува Владо.
Двете легенди, Тома Здравковиќ и глумеоцт Зоран Радмиловиќ биле големи другари, кои кога се среќавале, често сакале да заглават во кафана. Во еден момент се сретнале и се договориле да одат во кафана и да одат да „удрат една на нога“. Меѓутоа испиле една, па уште една, ги довеле Циганите и така останале до утрото. кога Тома се отрезнал, ги напишал стиховите „Е мој брате, Цигани ме прате, а зора је сванула“.
Селма Бориќ била ученичка во женската гимназија во Сараево, но често одела кај нејзините родители во Зеница. Пејачот и хуморист Владо Дијак бил лудо заљубен во неа и во една прилика се понудил да и ги однесе куферите до железничката станција, но ни тогаш не собрал храброст да ја искаже неговата љубов кон неа. Затоа, испраќајќи ја до перонот, додека таа му мавтала од купето, ја изговорил реченицата која подоцна ја преточил во хит баладата: „Путуј Селма и молим те не нагињи се кроз прозор“, а која ја испеала групата „Бијело Дугме“. Селма за оваа песна дознала дури во 1962 година, кога нејзиниот татко испратил новинарска статија во која биле објавени стиховите. Таа на Горан Бреговиќ му кажала дека всушност таа е Селма од песната, го посетила гробот на Дијак и признала дека и таа патела по него, а потоа и сама ја објавила збирката поезија „Селма патува на факултет“ во која се наоѓа и песната „Сеќавање за Владо“.