„Google.com“, еден од највредните интернет домени на светот, по грешка е продаден за 12 долари минатата есен.
Компанијата „Гугл“ открила колкава награда му дала на поранешниот работник, кој минатата година со компјутерска грешка, на краток временски период, станал сопственикот на доменот „Google.com“.
Санмеј Вед го купил доменот „Google.com“ преку сервисот на „Гугл“ во септември 2015 година, за ниска цена од 12 долари. Првично помислил дека во прашање е грешка, но се изненадил кога уплатата поминала и кога добил имејл кој потврдува дека тој е новиот сопственик на доменот на оваа светски позната марка. Неговата сопственост на доменот кратко траела, околу минута, а во тој временски период имал дури и пристап во внатрешните работи на сајтот. „Гугл“, меѓутоа, набрзо ја сфатил грешката и го вратил неговиот откуп.
Имено, по инцидентот, од „Гугл“ го контактирале Вед и му понудиле парична награда во замена за корегирање на оваа несекојдневна и необична безбедносна грешка.
Ниту „Гугл“ ниту Вед не сакале да откријат што била наградата, досега.
Наградата за Вед изнесувала 6.006,13 долари, а бројката би требало да личи на зборот „Гугл“. Откако Вед ја донирал наградата во организација која го поддржува образованието во Индија, „Гугл“ ја дуплирал таа цифра и неговата конечна награда изнесува 12.012,06 долари.
„Гугл“ редовно финансиски ги наградува компјутерските стручњаци коишто предупредуваат на грешките во неговите сервиси. Томаз Бојарски бил „најплодниот“ пронаоѓач, кој пронашол околу 70 грешки во изминатата година. Една од овие грешки е, иронично, пронајдена во мрежата кадешто корисниците можат да пријават безбедносни пропусти.