Обилно повраќање, пролив, грчеви во стомакот, но и покачена телесна температура, се симптомите на стомачните вируси, активни периодов, а и лесно преносливи. Настинките, пак, предизвикуваат мала температура, течење на носот, кивање, кашлање. Лекарите предупредуваат граѓаните да се облекуваат соодветно за надворешните температури, но и да внимаваат на хигиената
Д-р Катерина Старковска, матичен педијатар, вели дека има пациенти-дечиња со проливи, повраќање.
– Многу од дечињата се вратени од одмор и таму добиле вирус. Ги советувам родителите да ги донесат децата ако повратат неколку пати, со течни столици, температура. Детето не треба да се доведе во опасност од дехидрирање – вели д-р Старковска.
Инфектолозите опоменуваат да се внимава на хигиената и на храната што се јаде.
Инфекцијата со стомачен вирус поминува без некој специфичен третман. Но повраќањето и проливите можат да предизвикаат дехидрација, губење на вода во организмот, па лекувањето во тој случај е насочено кон тоа. Дехидрацијата може да предизвика сериозни ефекти врз малите деца и постарите луѓе.
Се препознава по сува уста, зголемена жед, пропаднати очи, намалено количество урина, слабост, лесни главоболки. Овие вируси оштетуваат една од обвивките на цревата, некои од нив предизвикуваат и крвави проливи. Вирусите траат околу една недела.
Во вакви случаи докторката препорачува топли напивки, на пример, руски чај, мала диета. Првиот ден се јадат варени компири, тврдо варени јајца, двопек, чај, сирење. Вториот ден може да се вклучи ориз, како и пилешко. А третиот ден се консумира нормална исхрана.
Нова Македонија