Цела Македонија можела да биде во опасност – САБОТАЖА ВО ИЈЗ – некој ги исклучил фрижидерите каде се чуваат реагенси


По информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија.

Симптоматично е тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава, вели директорката на институтот.

– Ако не бевме тука и не реагиравме веднаш, денеска ќе имавме огромно загрозување на општата состојба на граѓаните, загрозување на животот и здравјето, согласно на кривичниот закон, дополнителна штета во милиони. Ќе немавме ниту еден реагенс. Среќа што бевме таму и веднаш реагиравме, повикавме институции да го утврдат тоа и очекуваме дека Јавното обвинителство ќе реагира. Последиците ќе беа ненадоместливи, среќа што бевме таму, рече Андоновска.

Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена.

Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.

„Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во соопштението на МВР.

Во моментов се испитува дали има уништени реагенси, се зема мостра од сите нив, но, директорката се надева дека нема да има штети, бидејќи многу брзо се реагирало. Стручната проверка ќе покаже дали има штета или не, на некои од тие реагенси. Бидејќи, секој си има колку време може да стои на одредена температура.

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1