Не е коректно, не е во ред да одредени меѓународни претставници да си даваат слобода да се мешаат директно во изборниот процес, во неговиот резултат, во последици политички со тоа што даваат преку медиумите оценки. Тоа не е задача на дипломатски претставници и дипломатски мисии, вели д-р Срѓан Керим во интервју за „Сител“
Не е коректно, не е во ред да одредени меѓународни претставници си даваат слобода директно да се мешаат во изборниот процес, во неговиот резултат, во последици политички со тоа што даваат преку медиумите оценки, вели д-р Срѓан Керим во интервју за телевизијата „Сител“.
Тој истакна дека политичарите треба да ја преземат одговорноста на себе и сите политички битки да ги водат коректно преку институциите, без да креваат непотребни тензии во државата.
– Треба да се вратиме на она што е клучно, а тоа е 11 декември. Се случија избори и избори на кои излегоа 67 проценти од граѓаните на Република Македонија со гласачко право. Тој факт само по себе нешто кажува, дека граѓаните се заинтересирани да се излезе од повеќегодишната сериозна политичка криза. Тоа е факт кој е неоспорен и многу важен како насока за сите актери во оваа земја, вклучувајќи го тука и меѓународниот фактор – истакна д-р Керим.
Тој додава дека причина повеќе за новите тензии е што не се признава тоа што го соопшти самата изборна комисија, односно дека ВМРО-ДПМНЕ е победник на изборите.
– Тензијата се зголеми поради тоа што на разни начини се оспоруваше фактот што го соопшти Државната изборна комисија, дека ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори. Дури сега слушаме личности кои имаат влијание и авторитет во оваа земја, дека бројките не биле важни за легитимноста, туку други бројки и фактори. Јас би сакал со такви луѓе јавно да полемизирам, бидејќи ако вака ги поставуваме работите, отвораме пат кон продлабочување на политичката криза и една хаотична и анархична состојба. Сите да се вразумат и да ги прифаќаат фактите – порачува поранешниот македонски шеф на дипломатијата.
Д-р Керим воедно категорично додава дека Македонија во овие 25 години гради одлични дипломатски односи со сите земји, како и дека земјата на сите меѓународни претставници им ги овозможила сите права за следење на изборите. Сепак, тој истакна и дека нивна задача е да ги следат случувањата, но не и да се мешаат во внатрешните прашања.
Д-р Керим е категоричен дека институцијата со која треба да комуницираат меѓународните претставници е македонското Министерство на надворешни работи.
– Не е коректно, не е во ред да одредени меѓународни претставници да си даваат слобода да се мешаат директно во изборниот процес, во неговиот резултат, во последици политички со тоа што даваат преку медиумите оценки. Тоа не е задача на дипломатски претставници и дипломатски мисии. Четирите политички партии во Македонија прифатија пржинската спогодба да биде процес и решение за излез од кризата и во тоа учествуваа и претставници на меѓународниот фактор, конкретно на ЕУ и САД и тоа беше одлука која беше донесена од страна на политичките партии и сите учествуваа во тоа решение и сите носат одговорност за спроведување на тоа решение – истакна д-р Керим.
Тој воедно додава дека е клучно за земјава целиот изборен процес да заврши мирно.
– Клучна алка и политички гледано и од гледна точка од интерес на Македонија е изборите да поминат регуларно и редовно и да се вратиме во институциите за Македонија да напредува – вели д-р Керим