Да се тргне зборот „македонско“ за граѓаните Албанци во делот за државјанството – ова е условот кој го поставува Движењето Беса, потврдуваат оттаму, ден по средбата на Касами и премиерот Зоран Заев.
„Во однос на државјанството, да се отстрани „македонско“ и за граѓаните Албанци и оние од дијаспората да се пишуваат етничките заедници како што се во Преамбулата. За овие две прашања не се преговара и без нивното реализирање нема да има гласови за уставните измени. Во вторник на ниво на групите ќе се разговара за правното формирање на барањата на Движењето Беса и доколку бидат прифатени од двете страни, ќе има позитивен исход“, велат од движењето Беса, објави ТВ21.
Освен овие два амандмана, Беса бара и измена на Членот 2 од 5-тиот амандман на Уставот со цел македонскиот и албанскиот јазик да фигурираат како службени јазици и Претседателот на државата да не може да блокира носење на закони, одбивајќи да ги потпише. И од партијата на Зијадин Села бараат реакција од премиерот Заев.
„Се надеваме дека премиерот Заев ќе се повика на разумот и ќе изнајде демократски капацитети во себе и во парламентарното мнозинство за да ги поддржи амандманите на албанската опозиција, кои не само што ќе го загарантираат мултиетничкиот концепт на земјава, туку ќе направат и сеопфатен Устав кој на еднаков начин ќе ги третира своите граѓани во политичкиот систем. За натамошните одлуки ќе одлучуваат партиските органи на Алијанса за Албанците“, велат од Алијанса за Албанците.