Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека најверојатно повеќе нема да се кандидира за партиски лидер.
– Мене не можат да ме сменат. Можам само да си заминам, за што размислувам. По сè изгледа дека веќе нема да се кандидирам за претседател на партијата – изјави Дачиќ за „Курир“, коментирајќи го пишувањето на весникот дека потпретседателот на СПС и министер за екологија Бранко Ружиќ сака да го смени.
Тој ја најави можноста за забрзување на одржувањето на партискиот конгрес, кој треба да се одржи следната година, на кој треба да се избираат партиските тела.
– На сите секогаш сум им јас виновен во партијата и во коалицијата, така што е време тоа да се заврши. Доста ми е од сè – рече Дачиќ.
На оваа изјава на Дачиќ реагираше самата СПС со став дека „не постои поддршка“ за идејата за негова смена.
– Таквото сценарио не е реално во СПС и не гледам моментно потреба, ниту поддршка за смена на Дачиќ од функцијата на претседател на партијата – истакна потпретседателот на СПС, Новица Тончев, коментирајќи ги шпекулациите дека Ружиќ планира да го замени Ивица Дачиќ на Конгресот на партијата во 2018 година.
– Колку и сите ние да имаме забелешки за одредени постапки на Дачиќ, тој се покажа како институција во земјата и во партијата – изјави Тончев, додавајќи дека односите меѓу Ружиќ и Дачиќ не се сменети со години.
Во меѓувреме денеска, како што претходно јави МИА, Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура на чие чело е Зорана Михајловиќ од Српската напредна партија (СНС), поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против поранешниот министер во овој ресор Милутин Мркоњиќ, кој е еден од основачите на СПС и беше близок соработник на поранешниот партиски лидер и претседател на Србија и СРЈ, Слободан Милошевиќ.
Мркоњиќ и 14 други лица се обвинети за пропусти во изградбата на делницата Уб-Лајковац, на автопатот на Коридорот 11 од Белград до Чачак. Делницата долга 12,5 километри била делумно асфалтирана, но со бројни оштетувања и не може да биде пуштена во сообраќај. Според Министерството, ќе бидат потребни дополнително осум милиони евра за да се санираат штетите.
Мркоњиќ кој е мошне влијателен во СПС беше министер во коалициските влади од 2008 до 2012 година со Демократската странка на Борислав Тадиќ, како и од 2012 со 2013 година, од кога СПС е во разни влади во коалиција со СНС на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ.