Владата не ја разгледала можноста Србија да стане прифатен центар за бегалците, изјави денеска првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и додал дека Србија не може сама да се избори со бегалската криза, туку очекува од Европската унија да донесат заедничка платформа за решавање на тој проблем.
„Не велам дека не сакаме коректен однос кон бегалците и мигрантите, но тоа се мигранти и бегалци и за донесување на такви одлуки мора да ги имате предвид многу фактори, па и геостратешки и геополитичките. Затоа во овој момент ние не сме разговарале“, рекол Дачиќ на конференцијата за новинари.
Тој додал дека Брисел применува двојни стандарди кон Србија, бидејќи од неа бараат да направи Акционен план за решавање на бегалската криза кој ни самата Европска унија го нема.
„Кога се делат пари, тогаш не сме дел од ЕУ, а кога се делат бегалци, тогаш сме“, порачал Дачиќ.