Реалната бројка на косовски граѓани, кои се приклучиле кон терористичката групација Исламска држава можби достига и до 900 лица, што е три пати повеќе од официјалните податоци, изјави синоќа на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, повикувајќи се на информација на странските служби за безбедност.
Како што јави ТАСС, според Дачиќ, нестабилната ситуација во Косово дополнително се влошува поради ширењето на екстремизмот и радикалните струи.
Тој изјави дека според податоци од јануари оваа година, околу 300 мажи и 36 жени од Косово се приклучиле кон ИД во Сирија, но според службите за безбедност, нивниот број во пракса е значително поголем.
Дачиќ нагласи дека Косово има најголем процент на граѓани, кои учествуваат во ИД во однос на вкупниот број на населението од која и да е европска земја.
Косовскиот амбасадор во САД, Влора Читаку, која исто така присуствуваше на седицата на Советот за безбедност, посветена на Косово, изјави дека властите во земјата ги вложуваат сите напори за прекин на врбувањето доброволци за ИД и оваа година ниту еден косовски граѓанин не се приклучил кон терористичката организација.
Таа нагласи дека Приштина гледа во ИД закана за целиот регион и затоа е активен партнер на глобалната коалиција против групацијата.