Дали Никола Младенов пред да излета од патот имал контакт со друго возило? – на тоа е фокусирана во моментов истрагата за смртта на новинарот на „Фокус“.
Истражителите проверуваат дали контролата врз мерцедесот е изгубена под налет на друг учесник во сообраќајот со проверка на возилото на Младенов, односно дали има траги од друго возило.
Извесно е дека ќе мора да се истражи и дали друго возило влијаело на движењето на Младенов без да го допре.
Иако, извори од истрагата, тврдат дека шансите се мали за друг учесник, сепак, тоа во оваа фаза се наметнува како клучно за да продолжи системот на елиминација на варијанти за несреќата, откако претходно беше соопштено дека Младенов немал ништо пред да излета, а починал од силните удари во возилото.
Претходно истрагата ја утврдила брзината со која Младенов возел низ свиокот и делумно – движењето на возилото пред да излета од патот. За целосна реконструкција на настанот неопходни се деталите од вештачењето на возилото, но и од обдукцијата. Истражниот судија тврди дека нема примено ништо и најавува ургенција до Судска медицина за нивниот извештај.
Од Институтот пак тврдат дека анализите се во тек, но потсетуваат на огромните неплатени трошоци на судот кон судска медицина што ги отежнува потрагите. Со двата извештаја ќе се знаат деталите, а засега се знае времето на излетување, времето кога поминувал на патарина, брзината и причината за смртта.
Извор – Алфа