Дали јадеме безбедна храна, медиумското покривање поразително


Храната во Македонија е делумно безбедна, сметаат домашните потрошувачи. Тие не се сосема сигурни во квалитетот, ниту се доволно информирани што консумираат од аспект на исправноста. За ботаничко потекло на производите не слушнале, а при купувањето најчесто не го добиваат очекуваното, покажува истражувањето на Александар Димковски, магистер по квалитет и безбедност на храна, кој во периодот 2010 – 2012 година анкетирал 1.227 лица. 

zelencuk pazar– Клучни кај нас во однос на храната се два проблема. Неинформираноста на потрошувачите, што се увезува, каков е квалитетот. Тоа го потврдуваат најновите случаи со афлатоксините, но и сите ситуации досега, години наназад, кои се резултат на дојава, на информации однадвор.

При последната афера, некој од Хрватска ни кажал дека во млекото има афлатоксини, па потоа ние тука испитуваме и викаме „не, кај нас нема“. Истото беше со „јафа“ бисквитите од Словенија, со „отровното брашно“ од Србија.

Втората клучна причина е недоволното ниво на контрола од страна на сите надлежни институции што најчесто се оправдува со причината „немање пари, скапи се анализите, реагенсите“, вели Димковски.

Според него, контролата на зеленчукот што се продава по пазарите, присуството на пестициди, хемиски препарати, почна од лани. Доматите можеби убаво изгледаат, свежи се, со интензивна боја, но  можеби земјоделецот ги испрскал ден пред да ги донесе на тезга.

Во земјава засега има само две лаборатории за контрола, Институтот за јавно здравје и Ветеринарниот факултет.

hrana kaskaval– Ако побарате од нив информација колку е безбедна храната, нема да добиете. Ќе ви кажат дека податоците се достапни само за оној што ги нарачил (побарал) анализите.  Во пракса никој нема да ви открие дека во неговиот производ има некој  контаминент, тој за своите испитувања ќе знае, ама јавно нема да каже.

Така беше со кроасаните што при обид да се извезат во ЕУ, беа вратени. Ние дознавме од ЕУ, дека во нив имало  недозволена супстанца, но што и со другите вратени производи кои исто така „некаде“ завршија. Се додека ЕУ не алармира, кај нас не се говори. Зошто тоа да не почне од тука, да им се каже на граѓаните„ова и ова не чини“, туку чекаме дојава, истакнува авторот на истражувањето.

Поразителни се податоците и за медиумското покривање. Во новинарските написи преовладуваат политиката, економијата, социјалата,…, додека земјоделството, особено делот исхрана, е едвај „видлив“.

hrana mesoИ потрошувачите сметаат дека е потребно многу поголемо новинарско третирање, посебно на измамите со храна. На ова прашање потврдно одговориле  скоро 90 проценти од анкетираните додека само 1 процент велат „нема потреба“.

Тие речиси воопшто не слушнале за ботаничко потекло на производите/храната. – За географско знаат, дали е од одреден дел, Повардарие,…, а за ботаничко, дали медот е од липа, ливадски,…, не. Тоа е непознаница за нашите граѓани, заклучува м-р Димковски.

На голем дел, 62 отсто од испитаниците купените прехранбени производи не им ги исполниле очекувањата, додека многу мал број, само 3 проценти, се измамени во однос на расипана, неквалитетна, храна со истечен рок. Етикетите/ознаките повеќето, 51 отсто, редовно ги читаат, 28 проценти често, 15 отсто повремено, 5 проценти ретко, а никогаш само 1 отсто.

Само според два отсто од испитаните, свеста кај луѓето за измами со храна е висока. Останатите (55 проценти) сметаат дека е недоволна, задоволителна (14 отсто) и ниска (26 проценти).

Анкетата покажува дека Македонците се најзаинтересирани за квалитетот и безбедноста на храната (63 проценти), дури потоа за цената (17 отсто), за производителот домашен/странски (14 отсто), за брендот (4 проценти) и за пакувањето (2 отсто).

Извор – Миа

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1