Текстот најверојатно ќе го напише поп-ѕвездата Елена Ристеска, а во тимот ќе биде вклучен и Симеон Атанасов, кој работеше и на нумерата „Империја“
Познати и докажани автори се инволвирани во подготовката на евровизиската песна на која деновиве интензивно се работи, неофицијално дознава „Дневник“. Тоа се хит-мејкерите Дарко Димитров и Лазар Цветковски, а во тимот ќе биде вклучен и Симеон Атанасов, кој ќе се погрижи за делот од композицијата што треба да го отпее Есма. Потписник на текстот најверојатно ќе биде поп- ѕвездата Елена Ристеска.
Според нашите информации, за Есма Реџепова и за Влатко Лозаноски-Лозано се подготвува нова композиција слична на трендовските европски хитови, но ниту евровизискиот тим ниту авторите не беа достапни за коментар.
Пред објавувањето на првата евровизиска песна „Империја“, шефот на македонската евровизиска делегација, Љупчо Мирковски, во интервју за „Дневник“ истакна дека народот ќе пресуди за квалитетот на песната. Тоа и се случи. По промоцијата на нумерата и спотот во специјална емисија во просториите на МРТ се појавија голем број негативни реакции на социјалните мрежи. Македонската радио-телевизија, која е организатор на изборот, реши да ги повлече.
Евровизиската тема МРТ треба да ја предаде најдоцна до 18 март, кога во Шведска ќе се одржи состанокот на шефовите на делегациите од сите земји-учеснички на изборот.
Дознаваме дека спотот за новата евровизиска песна ќе биде готов до крајот на месецов. Есма и Влатко ќе пеат во втората полуфинална вечер, која ќе се одржи на 14 мај во арената во Малме.
Автори на композицијата „Империја“ беа синот на Есма, Симеон Атанасов, и Дејан Момировски, а текстот е на Борче Нечовски. Спотот за оваа тема го реализира продукцијата „Егзит Б“. Во него акцентот беше ставен на зданијата од проектот „Скопје 2014“.
ДНЕВНИК