Од пред десетина дена Европската унија ја воведе досега најстрогата регулатива за забранети супстанци во играчките, а по тој пример партијата ДОМ ќе бара зајакнување на регулативата и во Македонија, пишува Вечер.
Иницијатива за најстрога до сега контрола на играчките што се продаваат на македонскиот пазар, подготвува партијата ДОМ, откако пред десетина дена Европската унија воведе строги правила за составот на играчките, со што практично го ограничи увозот од Кина, од каде се 80% од детските играчки на европскиот пазар. Најновата, исклучително строга регулатива на ЕУ воведува забрана за продажба на играчки што содржат канцерогени, мутагени и штетни по плодноста супстанци, како и забрана за 55 алергени во нивниот состав. Присуството на 11 други алергиски супстанци, како и на тешките метали како олово и бариум, според новите правила ќе мора да биде наведено на етикетите.
Бидејќи играчки што ги содржат забранетите од ЕУ хемикалии има и на нашиот пазар за што постои потврда од едно истражување спроведено од подмладокот на партијата ДОМ. Од ДОМ најавуваат дека иницијативата за контрола на увозот на играчки, без разлика дали се од Кина или од друга земја, ќе ја достават до надлежните во најскоро време.
– Нашите млади правеа едно истражување за играчките, а сега ние сме во фаза на истражување до кои институции треба да се обратиме за да побараме најстрога контрола, како што направи ЕУ. Мислиме дека за ова ќе треба да се ангажираат повеќе институции, како Институтот за јавно здравје, Царинската управа на Македонија и други. Во најскоро време ќе излеземе со иницијативата – вели претседателката на партијата, Лилјана Поповска.
Играчките кај нас ги контролира Институтот за јавно здравје и одвреме-навреме има наоди, но ако се разгледа по продавниците и пазарите, не се што доаѓа до рацете на нашите деца е под контрола на надлежните. Ова го потврдуваат и истражувањата на неколку невладини организации, кои открија бројни отрови во играчките и тоа не преку скапи хемиски анализи, туку само со читање на декларациите.
Невладината организација Еко-свест пред неколку години во нашите продавници пронајде триесетина играчки кои се наоѓаат на РАПЕКС-листата на ЕУ за забранети играчки. На некои од нив и на декларациите било назначено дека содржат разни отрови и алергени.
Најголемиот дел ги содржел опасните забранети фталати, хемиски супстанци кои кинеските производители ги додаваат во евтината кршлива пластика за да ја направат поцврста. Ако дојдат во допир со кожата при триење или ако влезат во организмот преку устата, фталатите имаат својство да имитираат женски хормони, поради што може да го нарушат репродуктивниот систем кај девојчињата.
Кај машките деца, исто така, може да предизвикаат нарушување на репродуктивниот систем преку смалување на тестисите. Опасно е и кога пластиката во која има фталати се пали за да се уништи, зашто тогаш се внесува во организмот преку вдишување на чадот.
Вакви супстанци се пронајдени во шишенцето со сапуница за меури, во гуми и базени за дување, во неколку видови топки, јо-јо, неколку различни кукли, кинески имитации на барбики, … па дури и во простирки кои се составуваат како сложувалка, а со нив е послан подот во речиси сите игротеки. Хемикалии што се на негативната листа на ЕУ се најдени и во детски сетови за шминкање, фломастери и други детски играчки. Тие освен фталати во преголеми количества содржеле и тешки метали, како бензен, формалдехид, толуен, етилбензен, ацетофенон, хром и олово.
Триесетте играчки Еко-свест пред неколку години ги означи како опасни и ги стави на својата црна листа според Директивата 76/769/ЕЕЦ, 67/548/ЕЕЦ, европскиот стандард ЕН 71 и РЕАЦХ регулативата на ЕУ, со кои тие се забрануваат. Од невладината организација за ВЕЧЕР изјавија дека оттогаш не направиле друго вакво истражување, но изразуваат сомнеж дека играчките кои тогаш ги етикетирале како опасни се уште ги има на рафтовите во продавниците.
Невладината организација Новинари за човекови права, пак, врз основа на свое истражување утврди дека 70% од играчките на македонскиот пазар содржат забранети отровни супстанци. Понови истражувања нема ниту од невладини организации ниту од надлежни во државата. Останува на потрошувачите добро да ги читаат декларациите и да ја проверат РАПЕКС листата на забранети играчки на ЕУ која ја има на интернет, па потоа да донесат одлука што да му купат на своето најмило.
Што откри Еко-свест, а уште се продава?
Од забранетата РАПЕКС-листа на играчки во македонската продажна мрежа се пронајдени меури за сапуница, кои според европските составувачи на листата содржат аеробни микроби, пластични диносауруси и неколку вида пластични топки што во составот ги имаат фталатите: ДЕХП, ДБП и ББП, кои се забранети во сите играчки, како и фталатите: ДИНП, ДИДП и ДНОП кои се опасни кога играчката ќе дојде во контакт со устата. Овие супстанци ги имало и во кадифени коцки, бебе-кукли и кинески имитации на барбики, а олово содржела играчката пирамида-кловн. Исто така, во продавниците се пронајдени и фломастери од кинеско потекло кои содржат бензен од 19 до 306 мг/кг. Дел од овие производи и денес ги има во продажба и тие по правило се најевтините играчки кои можат да се купат кај нас.
Светлана Вукчевиќ за Вечер