Двете деца на 34 годишната Наташа која вчера заедно со нејзината сестра, три години помладата Билјана беше убиена во стан во Аеродром му се предадени таткото. Информацијата дека дечињата на седум и девет годишна возраст веќе му се предадени на вториот родител за Алфа ја потврдија од министерството за труд и социјална политика и Центарот за социјални работи.
“Стручни лица од Центарот за социјална работа, педагог и психолог, беа присутни во полициската станица со цел да се направи проценка на децата за тоа дали можат да бидат сослушани или не. Тие разговараа и со таткото на двете деца при што му дале совети како да се однесува со нив во овој период. Го информирале дека може да се обрати во Центарот за социјална работа за советодавна работа со него и децата. Во наредниот период стручните работници ќе ја следат состојбата со децата и вршењето на родителското право од страна на таткото и ќе преземат соодветни мерки за заштита на децата”, вели за Алфа портпаролот на министерството за труд и социјална политика Марјан Гиевски.
Таткото на децата не го познавал Игор, убиецот на неговата сопруга. Наташа до сега ниту еднаш во полиција не пријавила дека била нападната. Децата и дефинитивно биле сведоци на грозоморното убиство. Пиштолот со кој Игор го извршил убиството го поседувал со дозвола уште од 2004 година. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, случајот набрзо ќе биде затворен. Во 2004 година против убиецот била поднесена кривична пријава за загрозување човечки живот со опасно орудие.
Двојното убиство и самоубиство во скопски Аеродром се случи вчера околу 11:00 часот. Игор со кого сестрите се познавале од порано дошол во станот на Наташа на “Булевар Авној 44” во близина на основното училиште Ѓорѓија Пулевски. Вратата ја отворила нејзината сестра Билјана. Игор и се заканил да не заминува. По расправија со Наташа пукал во неа, а потоа и во Билјана, по што самиот си пресудил.