Вчера во скопскиот Кривичен суд почна судењето за случајот со малата Александра Бошњаковска, која две години живееше без својата мајка. За киднапирањето на девојчето одговараат нејзиниот дедо, поранешен судија во Врховниот суд, Александар Бошњаковски, нејзината баба Снежана и нејзиниот татко Стефан.
Дедото и бабата на Александра индиректно ја признале својата вина, објаснувајќи пред судот дека се што направиле било од преголема љубов кон нивната внука. Тие тврделе дека не биле свесни за последниците од нивните постапки. Таткото Стефан, пак, побарал да излезе од судот поради неговото нарушено здравје, за да може да заработува за алиментација на Александра. Тој тврдел дека не знаел што прави неговиот татко Александар.
– Како резултат на преживеаниот мозочен удар не можев да ги согледам последиците од дејствата што ги преземав. Сè што сум правел било како резултат на љубовта кон тоа дете, рекол Александар, пренесува Плусинфо.
Мајката на Александра, Татјана Бошњаковска пред судот истакнала дека побегнала во Србија бидејќи таткото на Александра, Стефан, со години физички ја малтретирал.
– Таткото на Александра беше пријавуван во полиција но бидејќи татко му беше врховен судија, нема ниту една пријава. Јас бев принудена за да се спасам да побегнам кај мои роднини во Србија, изјавила Татјана, пренесува Плусинфо.
Полицијата ја пронајде Александра, заедно со нејзината баба, во такси возило кај Маврово.
Според Плусинфо, судот најавил дека денеска ќе ја соопшти пресудата за тројцата обвинети.