Во Италија денеска е ден на жалост. Националното знаме е спуштено на половина копје на сите државни институции во чест на жртвите во разорниот земјотрес што ја погоди централна Италија, а чиј број достигна речиси 300.
Локалната Гимназија во гратчето Асколи Пичено е претворен во капела, каде што најблиските им оддаваат почит на загинатите, а меѓу граѓаните присуствуваа и претседателот Серџо Матарела и премиерот Матео Ренци.
Двајцата државници, претходно ги посетија разорените места, имаа средба со дел од населението, а на волонтерите, пожарникарите и сите оние кои се уште учествуваат во спасувачките операции им изразија благодарносt за секој спасен човечки живот.
Според последните податоци од италијанската дирекција за цивилна заштита, во болниците се згрижени речиси 400 настрадани. За жал, како што велат, од четвртокот до сега, од под урнатините не е извлечен ниту еден преживеан. Сепак, тимовите и натаму се на терен. Ќе продолжиме да бараме, се додека не бидеме сигурни дека повеќе нема никој, велат луѓето кои се надеваат дека можеби ќе спасат уште некого, нагласувајќи дека во потрагата користат и детектори за топлина. Во меѓувреме, камповите се целосно опремени како привремени живеалишта за сите кои останаа без нивните домови.
Првата фаза е целосно завршена и продолжуваме понатаму. Поставуваме електрика, како и добра изолација, во случај на дождови. Се мора да биде безбедно, додека овие луѓе, кои се околу 2000, привремено живеат тука.
Помошта, во износ од 50 милиони евра, што ја вети премиерот Ренци за обнова на погодените области, најверојатно ќе биде добиена од буџетот на Европската унија и од фондовите за кризни ситуации со кои располага унијата.