Денеска е Раѓање на св. Јован Крстител – Иванден.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Светии, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.
Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
Свети Јован е еднен од ретките светители во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн.
Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета и била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: Нека се вика Јованн. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.
Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патотт.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе рутишчатаа, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити висеет на дуќаните за да имает повеќе покупниции. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.