Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 4 декември.
Денеска е Св. маченичка Варвара и св. Јован Дамаскин.
Света Варвара се роди во Хелиопол, за царувањето на Максимијан. Татко и беше незнабожец. Се викаше Диоскор и беше многу богат човек. Варвара израсна во осама, во богатите дворови на татко и. Нејзината мисловност и помогна да го познае Бога преку величината и совршеноста на созданието. Подоцна се крсти. Кога татко и дозна за тоа, ја предаде на властите. Света Варвара претрпе големи измачувања заради Христа и најпосле ја погуби нејзиниот безумен татко. Денес Црквата го слави и свети Јован Дамаскин. Живееше во осмиот век. Со голема ревност и длабочина на мислата го бранеше Православието и почитувањето на иконите од иконоборците.
Света великомаченица Варвара
Погубена од својот татко затоа што била христијанка
Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл . Поради тоа и обичаите и верувањата што се изведуваат на тој ден се во таа насока.
Обичаи поврани со полезник се изведувале и во Гевгелиско каде што овој обичај се изведувал на Мартинци. Освен тоа домаќинката мешала повеќе житни култури (пченка, јачмен, овес, просо и др.) ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината.
Варење жито на овој ден среќаваме и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.
Очигледно е дека култот на светата маченичка Варвара е доста раширен во Македонија. За тоа зборува и фактот што многу семејства овој ден го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби.