Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес изврши увид на лице место за вчерашното убиство кај местото Којник во Велес. Настанот се случил околу 14 часот, кога во куќата на сега починатиот дошол осомничениот и веднаш почнал да пука.
-При тоа испукал неколку проектили и смртно го ранил починатиот. Во обид да избега сторителот, сега починатото лице излегло од куќата и стигнало до улицата, каде осомничениот му вперил пиштол со намера да испука уште проектили. Во тој момент по пријава на соседите, дошла полицијата која го лишила од слобода осомничениот, а на сега починатиот му е дадена медицинска помош. Но, поради сериозноста на повредите настапила смрт, информираат од Обвинителството.
Увидот на лице место јавното обвинителство го изврши со увидни екипи на МВР. Надлежен обвинител издаде Наредба за вршење на обдукција на починатиот, наредба за вештачење на траги од лице место, на брисеви од крвта, на огненото оружје со кое е извршено делото.
Основното јавно обвинителство Велес продолжува со дејствијата во насока на расветлување на настанот.
По предлог на надлежен јавен обвинител, Основниот суд во Велес на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.