Во Македонија, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, околу 12 отсто од вкупниот број родени деца се вонбрачни.
Овој процент во земјите-членки на Европската Унија е неверојатни 40 отсто. Од вкупно 2.651 вонбрачно родено дете во земјава во 2011-та, 565 деца се родени од родители од албанска националност, 471 дете се Роми, а 247 деца се од родители-Македонци. Според социолозите, процентот на деца родени во вонбрачна заедница е поголем кај Албанците и Ромите, зашто многу често тие живеат во неформален брак, признаен само од верски работник (оџа), пишува Нова Македонија.
– Дали бракот престанува да биде рамка за биолошка репродукција и на тој начин почнува да губи една од своите суштински функции, а тоа е легитимацијата на потомството? Дали тоа значи дека за модерните општества легитимацијата на потомството е неважна или, пак, бракот како установа толку ослабнал и не може да ја врши таа контрола – прашува професорката Драговиќ.
Бројот на вонбрачни деца во Европа е двојно зголемен во споредба со периодот од пред две децении. Најголем број вонбрачно родени деца има во Естонија, а најмалку во Грција. Трендот на намалување на бројот на склучените бракови исто така се одразува со зголемување на бројот на децата родени надвор од брачна заедница. Според податоците на Еуростат, во 1990 година, 17 отсто од сите живородени деца во земјите-членки на Европската Унија биле родени вонбрачно, во споредба со 27 отсто во 2000 година, а во 2011 година овој процент е 40.
Според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија, најголемиот број живородени деца (88,4 отсто) во 2011 година се родени во брак и може да се каже дека намалувањето на фертилитетот е резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години. Имено, бројот на склучените бракови во 2011 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 4,1 отсто и изнесува 14.736 склучени бракови.
Најмногу живородени деца надвор од брак се родиле од родители што им припаѓаат на албанската и на ромската етничка заедница. Од вкупно родени 2.651 вонбрачно дете, 565 деца се родени од родители од албанска националност, 471 дете се Роми, а 247 деца се од родители-Македонци.
Нова Македонија