Англиското девојче Маделин Мекан кое на 3 мај 2007 година, исчезна во Португалија, најверојатно е грабнато од шверцери на луге и продадено на некое имотно семејство, некаде во Африка, пишуваат лондонските таблоиди, повикувајќи се на изјави на британски полициски експерти.
Поранешниот полициски инспектор во Скотланд Јард, Колин Сатон смета дека девојчето било киднапирано од трговци на луге и робови, за да им се даде за пари на бездетно семејство, откако претходно било илегално префрлено со некои од фериботите што пловат меѓу Португалија и африканското копно.
Ваквата верзија со која овој експерт се обидува да ја објасни десетгодишната мистерија за малечката Англичанка, ја прифаќа и португалската полиција, која во паралелна истрага со Скотланд Јард, се уште трага по Маделин Мекан.
Претставник на португалската агенција за исчезнати деца изјавил за лондонски „Дејли Мирор„ дека е многу веројатно оти девојчето е грабнато и првично држено во некоја од пештерите, во областа Алгарве, на португалскиот југ, пред да биде понатаму прошверцувано.
Малечката Мекан имаше неполни три години, кога со своите родители, обајцата лекари од Лестер во Англија и со нејзините помлади брат и сестра- близнаци, престојуваше на одмор во летувалиштето Праја до Луж.
Исчезна од собата на хотелскиот апартман, додека родителите биле на вечера со свои пријатели во еден ресторан блиску од хотелот. Нејзините брат и сестра кои спиеле со неа во собата, биле во своите кревети кога нивните родители утврдиле дека ја нема Маделин.
Потрагата на полицијата не најде никакви траги на насилство, ниту траги дека било кој бил во апартманот. Во еден момент, полицијата ги осомничи и родителите за ненамерно убиство на своето дете, но во август 2008 година, се откажа од натамошно трагање.
Целиот случај повторно беше покренат во 2014 година, кога Португалците осомничија еден поранешен провалник кој во времето на исчезнувањето на Маделин работел во хотелот. Човекот кој бил имигрант од поранешната португалска колонија Кап Верде, во меѓувреме загинал во сообраќајна несреќа, но остана единствениот осомничен.
Заменик директорот на португалската државна судска полиција Педро до Кармо, изјавил за лондонскиот весник, дека „ваков случај, исполнет со мистерии, немало досега„ во домашната полициска и судска пракса
Тој потврди дека полициската единица од Порто, на северот од Португалија, во одвоена но паралелна истрага со Скотланд Јард, продолжува да работи на разрешување на мистеријата со девојчето.
-Работата ќе ја заклучиме тогаш кога ќе се најдеме во ситуација дека повеќе ништо не можеме да направиме, а сега се уште не сме во таква ситуација- рекол Кармо.. Тој сепак, признава дека како поминува времето, слабеат надежите дека ќе се најде Маделин Мекан, која ако е жива, сега треба да има 13 години.