Интерпол разби синџир на елитна проституција на девојки од Балканот, кои својот „бизнис“ го вршеле во Германија.
Поради основано сомнение дека се занимавале со организирање меѓународна проституција, односно дека девојки од Хрватска и од регионот се проституирале во Германија, хрватската полиција уапси пет лица, четворица мажи и жена.
Сите дале исказ пред истражен судија, кој им одредил притвор. Како главен организатор на групата е осомничен Давор Зунец од Хрватска, а за другите осомничени се смета дека биле логистика, односно дека ги превезувале девојките во Германија и дека им обезбедувале сместување. Меѓу девојките има и познати имиња, меѓу кои се една старлета и една поранешна шампионка во бодибилдинг од Загреб.
Девојките биле пренесувани до Германија со автомобили, а услугите ги вршеле во неколку ноќни клубови и хотели.
Истрагата засега е ограничена на првоосомничениот и на тројцата помошници во Хрватска, но наскоро ќе биде проширена и во останатите земји од регионот. Останува истрагата да се прошири во земјите од регионов и Интерпол да затропа и на вратата на девојки од Македонија.