Со интензивирање на кампањата за претстојниот референдум за Договорот меѓу Македонија и Грција, се засилуваат и разни дезинформации и шпекулации.
Ден по отворениот ден на oбуката на копнените сили на САД на армискиот полигон „Криволак“, на социјалните мрежи се појавија информации дека на овој полигон ќе се користи муниција со осиромашен ураниум, која е опасна по здравјето на луѓето.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска веднаш излезе со најостар демант за овие информации, нарекувајќи ги лажни вести.
– Ноторните лаги никому не се од корист. Граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести во пресрет на претстојниот референдум и официјализирањето на членството во НАТО, напиша Шекеринска на својот профил на Фејсбук.
И Министерството за одбрана ги демантираше шпекулациите кои се споделуваат на социјалните мрежи дека на полигонот Криволак ќе се одвива гаѓање со бомби кои содржат осиромашен ураниум.
– Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум, се наведува во реакцијата на МО.
Натаму се наведува дека „ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум“.