Индустриското јаболко во Преспа се продава по цена од 1 до 1,5 денари по килограм, додека катастрофално ниска е цената и на квалитетното јаболко, јави Скај.
Преспа веќе со години има мака со цените на јаболката. Ако еден килограм на трпезно јаболко во Преспа денес се продава за околу 12 денари, во продавница со далеку полош квалитет ќе најдете јаболка и по цена од 39 денари за килограм.
Ако до 2008/2009 цените стигнуваа и до 35 денари за килограм јаболко, од следната 2010 се случи вистински шок кога квалитетните трпезни јаболка се продаваа и по неколку денари, таквата состојба трае веќе шест години со ред, без исклучок.
Иако цената на јаболката веќе со години паѓа, трошоците на земјоделците постојано се зголемуваат. Поскапеа ѓубривата, пестицидите и билките, а тука е и поскапувањето на нафтата.
Овогодешниот род е и преполовен поради силниот град кој уништи голем дел од јаболковите насади.