Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Република Македонија и нејзините граѓани, кои имале една единствена цел, слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите без разлика на нивната етничка, верска или која било друга карактеристика, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери, кој по повод националниот празник се обрати пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, поставен во центарот на Скопје.
– Ако го погледнеме познатиот Крушевски Манифест и документите од АСНОМ, ќе се увериме дека човековите права и слободи и мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на општеството биле основните постулати врз кои водачите и на првиот и на вториот Илинден замислувале да се гради државата и да се развива граѓанското општество, рече Џафери
Од пред споменикот на Ченто, кој беше претседател на АСНОМ, а од 1945-та година и прв претседател на Президиумот на Народното Собрание, претседателот на Собранието рече дека во овие 27 години самостојност Македонија поминала многу премрежија и кризи, но оти заедно успеавме да ги надминеме и да одиме напред. Посочи на поддршката од мнозинството граѓани за целосна интеграција во НАТО и ЕУ и ја повика опозицијата и сите граѓани да го поддржат исполнувањето на Договорот со Грција за името.
– Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, потсети Џафери споменувајќи дека за ова ни помогнале нашите пријатели и стратешки партнери од меѓународната заедница.
Сега, посочи тој, сите ние како граѓани, сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука.
– Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор, истакна Џафери.
Актуелната власт и парламентарното мнозинство, според него, покажаа дека се подготвени да ја преземат одговорноста за иднината на државата и на граѓаните.
– Оттука, ја повикуваме и опозицијата да преземе дел од одговорноста која што и припаѓа за иднината на државата и граѓаните. Затоа, денеска кога ги одбележуваме двата илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Република Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата, да бидат вистински одговорни и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на Договорот со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО, рече Џафери.
Со тоа, смета претседателот на Собранието, ќе биде можно и остварувањето на соништата и заложбите на претходните генерации за слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи е од есенцијална важност.
Џафери вели дека тоа е „наш долг кон сите оние кои се бореа за таква Република Македонија и наша обврска кон нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани“.
Пред споменикот на Методија Андонов Ченто свежо цвеќе по повод Илинден положија членови на неговото семејство, потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и пратеници, министрите за финансии, за труд и социјална политика и за дијаспора, Драган Тевдовски, Мила Царовска и , претставници на Сојузот на борците, на судската власт, на верските заедници и локалната самоуправа, од Кабинетот на претседателот на државата и дипломатскиот кор.
Претходно цвеќе беше положено и на спомениците на АСНОМ во „Жена парк“ и на споменикот на Никола Карев пред Собранието на РМ.