Џафери: Имаме заедничка татковина и сите сме одговорни да ја зачуваме и развиваме


Треба да бидеме горди што пред повеќе од еден век нашите предци зборувале и се бореле за слобода, за почитување на човековите права, за соживот и толеранција, за мултикултурно и мултиетничко општество. Водачите на Илинденското востание Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои, покажале дека имале високоразвиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери од Мечкин Камен на централното одбележување на Илинден – Денот на Републиката.

Обраќањето тој го почна со цитирање на Крушевскиот манифест од 1903-та кој повикувал на обединување во остварувањето на заедничката цел – слободата – до сите жители, независно од нивната етничка и верска припадност и социјален статус. Документ напишан пред 114 години но кој, рече Џафери, е актуелен и денес.

Тие цивилизациски вредости и принципи биле мотивација, рече Џафери, во 1941 година луѓето од различна етничка припадност и вера повторно заедно да се кренат против фашизмот и да се изборат за слобода. Духот на Крушевскиот манифест провејувал во текот на НОБ и се материјализирал во вториот Илинден односно во документите на АСНОМ. Вековната желба за самостојна држава се оствари на 8 Септември 1991 година, рече Џафери, а константата втемелена во Крушевскиот манифест за мутлиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер е потврдена и во Уставот на Република Македонија.

– Во овие 26 години самостојност сите заедно поминавме низ повеќе премрежија и кризи, но најважен е фактот што кај граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга разлика, тие не го нарушија духот на заединштво и соживот… бидејќи ние сме знаеле и знаеме заедно да ги споделуваме и убавите и помалку убавите моменти кои ги носи животот. Ние имаме една заедничка татковина – Република Макеоднија. И сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развивме, за нас и за идните поколенија, истакна претседателот на Собранието.

Уште една заедничка определба или сон на граѓаните, посочи Џафери, е целосна интеграција во ЕУ и во НАТО, притоа додавајќи дека добропознатиот спор со јужниот сосед е попречен на тој пат.

– Меѓутоа, јас сум оптимист и сум длабоко уверен дека доколку сите ние пристапиме максимално сеириозно и зрело на барањето и изнаоѓањето решение за надминување на овој реално присутен проблем, ќе се искачиме скалило погоре на скалата на политичката зрелост и одговорност. Актуелното парламентарно мнозинство и актуелната Влада посветено работат во насока на решавање на ова отворено прашање, рече Џафери.

Додаде дека затворањето на отворените прашања значи и побрзо посветување на реформите потребни за враќање на т.н. брза пруга за членство во НАТО и почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Пред се, тоа се добрососедските односи во регионот, рече Џафери, нагласувајќи дека значаен чекор напред е Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија кој вчера го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов.

– Се надевам дека овој договор релативно брзо ќе биде ратификуван во двата Парламента, а со тоа верувам и како соседи ќе направиме значаен чекор напред во билатералните односи како и во јакнењето на стабилноста во регионот и неговата евроатлантска перспектива, истакна првиот човек на Собранието на РМ.

Укажа и дека претстои период на многу работа и сериозни и, како што рече, можеби на прв поглед и тешки одлуки и решенија, но кои во разумен рок ќе ја покажат придобивката за сите граѓани.

– Собранието на РМ, тука мислам на сите 120 пратеници и на администрацијата, има капацитет, а верувам и политичка волја да ја исполни својата обврска која произлегува од владиниот план 3-6-9. Убеден сум дека и другите столбови на власт – извршната и судската исто така имаат капацитет да ги реализираат своите обврски. Сакам да верувам дека последната политичка криза не научи дека не смееме повеќе да ги повторуваме сопствените грешки и да продолжиме да живеме во маѓепсан круг кој се манифестира со нестабилна сегашност и нејасна иднина, истакна Џафери на Мечкин Камен.

Говорот го заврши со увереност дека полека, но сигурно, ќе бидат ги надминати, како што рече – „некои антагонизми кои немаат корени во нашата заедничка историја, во нашиот вековен соживот и толеранција, а уште помалку во нашите определби за подобра иднина во рамките на европското семејство“.

– Тоа им го должиме на сите претходни генерации кои своите животи ги положија за денешна слободна и независна Република Македонија, но уште повеќе – тоа го должиме на идните генерации, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на чествувањето 114 години од Илинденското востание во Крушево.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1