Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 49. седница го разгледа и едногласно гo усвои Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи.
До ДИК во рокот за пријавување од 26 јули до 19 август 2016 година пристигнале 8.922 пријави, од кои 8.901 пријава се прифатени.
Вкупно 3.620 пријави биле лично доставени до ДИК, а 5.302 се поднесени преку електронска апликација. Правната служба на ДИК одбила 21 пријава. Од нив една пријава е одбиена поради нечитлив документ, девет поради несовпаѓање на документ, девет поради неважечки личен документ и две поради некомплетен личен документ.
Согласно утврдениот Извештај на ДИК пријава не поднеле вкупно 30.467 лица. Според писмено известување од Управата за водење матични книги од 22 август 2016 година 20 лица од списокот се починати заклучно 19 август 2016 година.
Три или повеќе члена на ДИК во рок од 10 дена по истекот за пријавување можат да побараат дополнителна проверка за кое било од лицата.
Со Законот за дополнување на Изборниот законик ДИК беше задолжена да спроведе процес на активна регистрација на 39.502 лица за кои при спроведените административни и теренски проверки се утврдени спорни записи.
ДИК по извршени дополнителни проверки преку споредба на списокот од 39.502 лица и Избирачкиот список иззема 113 лица за кои е утврдено дека шест се починати, 51 лице е на привремена работа или престој во странство, 54 го изгубиле избирачкото право по различни основи и две лица поднеле барање за промена на податоци во Избирачкиот список. Можност за пријавување имаа вкупно 39.389 лица.
Граѓаните кои не се пријавиле во законскиот рок од 25 дена согласно законот ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК во тек на јавниот увид пред предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.