Димитров: Побарана помош од повеќе земји – мора да научиме да работиме заедно за да ставиме крај на Ковид-19


Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека земјава побарала помош и поддршка за справувањето со ширењето на коронавирусот од повеќе земји, за што разговарал и со свои колеги, како и преку механизмите на НАТО и ЕУ. На некои од барањата, рече, веќе е позитивно одговорено, а на некои се чека одговор.

– Беше најавена пратка преку една агенција на ОН со норвешка помош. ЕУ како што знаете ќе помогне со 4 милиони евра пред се во однос на медицинските потреби на здравствениот систем, но и со повеќе од 60 милиони евра за соочување со финансиските консеквенци од кризата. Побаравме и добивме позитивен одговор и од Кина, но, уште нема што конкретно да кажам во однос на бројките и составот на таа помош, рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

Димитров посочи дека Холандија донела одлука да ни помогне со тестови развиени од Меѓународната агенција за атомска енергија кои го откриваат нуклеарниот отисок на вирусот. Од Словенија, рече, како што знаете, стигна пратка со воен авион на словенечката војска, а денеска со министерот Сијарто, исто така, помошта од Унгарија.

– Доцна синоќа добивме информација од кабинетот на турскиот претседател Ердоган и денеска тоа ќе се најави, една помош во маски, заштитни одела и тестови. Јас овие денови разговарав со многу од моите колеги, со амбасадорите тука. Разговарав со Шведска за реалокација на развојната соработка со Шведска во однос на поддршка за малите и средни компании. Разговарав и со Берлин со колегата Рот и испратив една консолидирана листа на потреби. Очекувам поддршка од сите наши пријатели. Но, мислам дека ќе биде многу важно да ги развиеме и нашите производствени капацитети. Ние имаме и македонски капацитети за производство на маски и слично како Унгарија ќе биде многу корисно тоа да го ставиме целосно во погон. Вирусот нема национална припадност, не можете да го поразите во една земја, а да остане пандемијата во соседната или некоја па дури и подалечна земја. Ќе мора да научиме да работиме заедно да ставиме крај на овој огромен предизвик, веројатно најголем од 1945 година, од Втората светска војна, рече шефот на дипломатијата.

Тој посочи дека помош и поддршка е побарана и преку механизмите на НАТО.

– Така што во овие две организации сите земји членки тоа го имаат добиено и ќе видиме кој со што ќе излезе во смисла на конкретна помош, рече Димитров.

Тој повтори дека во врска со респираторите и од Кина е добиен политички позитивен одговор, но се уште нема конкретна информација кога би можеле да бидат испорачани.

– Потврден одговор има не само за респираторите, туку и за целата листа. Меѓутоа, Кина е преплавена од барање за помош од целиот свет и ќе им треба уште некое време да излезат со конкретна информација во смисла на квантитет и во смисла на време кога, рече министерот за надворешни работи на денешната прес-конференција.

Mинистерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петар Сијарто е во посета на земјава, а притоа донесе заштитна опрема за борба против Ковид-19, со специјален воен карго авион директно од Унгарија, која содржи 100 илјади заштитни маски и пет илјади заштитни скафандери.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1