Режисерот Братислав Димитров во денешниот разговор со ТВ Нова ги коментираше последните случувања околу протестите и какви ефекти имаат и врз нешто што би требало да биде изземено од политиката: забавата на најмалите.
„Сакам да ѝ соопштам на нашата јавност еден многу тажен факт. Јас сум директор на театарот за деца и младинци. Таму дечињата од Скопје ги слават своите родендени со претстава и со една дружба со глумците. Тие родендени се резервираат два, три, па и четири месеци однапред. Тоа весело театарско место згасна, за жал, поради овие варварски и дивјачки протести. Два родендена откажаа родителите. Сношти откажавме претстава, беа продадени осум билети. До пред протестите ние едноставно не можевме да одговориме на побарувачката за билети. Јас апелирам до сите овие славни борци за демократија и слобода да бидат свесни какви штети прават околу себе со тие нивни варварски протести“, изјави Димитров.
Во интервју за ТВ Нова, на прашање дали моменталната состојба е таква поради тоа што на народот му е преку глава од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, како што тврди СДСМ, режисерот Братислав Димитров вели дека народот не мисли така и тоа се покажало на многу претходни избори.
„Во една моја колумна пред неколку години предвидов, и за жал бев во право. Уште тогаш насетив дека кај нив ќе се јави апстиненцијална криза, а таа апстиненцијална криза за власт е многу пострашна од алкохоличарска, од коцкарска, од наркоманска, затоа што во тој период се менуваа на четири години. И тоа сега се случува, тие се влезени во еден филм, како коцкари кои ставаат на сѐ или ништо, не гледајќи каква штета прават. Сега доаѓаме до ситуација кога ги обесмислија изборите“, изјави Димитров.
„Тој ментален отров што го шират по улиците, во комшилук, помеѓу пријатели, роднини, ќе треба уште многу време да се деконтаминира општествениот простор од таа омраза, гнев, од тие одмазднички страсти, заканување… Тоа е навистина невидена ситуација“, додаде Димитров.
Целото интервју на – ТВ Нова